Лиле е мајка на три деца, денес дипломиран фармацевт која успеа да побегне од кругот на семејно насилство и да изгради нов живот од нула. Денес, Лиле живее слободно со своите деца, работи како фармацевт и активно им помага на другите жени да проговорат, да се борат и да му стават крај на насилството.
ОКОЛИНАТА НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ИЗГОВОР ЗА ТИШИНА
Лиле со години живеела во постојан страв не само за себе, туку и за своите три деца. Секој обид да замине од насилната средина бил проследен со неизвесност: како ќе се снајде без работа, без дом, без возачка дозвола, без сигурност? „Се плашев како ќе успеам, немав ништо, ни лиценцата ја немав земено“ раскажува. Но, уште поголем бил товарот на грижата како ќе реагираат децата, родителите, луѓето околу неа. „Премногу мислев на сите освен на себеси. Замислете, во тој период моите деца не се осмелуваа да кажат што мислат или што сакаат,“ признава таа.
Овој тип на претерано размислување и анализирање често се јавува кај жртви на семејно насилство, особено кај мајки кои се обидуваат да ги заштитат децата од дополнителна траума. Стравот на Лиле не бил само личен. Неизвесноста дали околината ќе ја разбере и дали нејзината приказна ќе биде сфатена сериозно честопати ја хранела недовербата дека нешто навистина може да се промени. „Имав пријавувано неколку пати, но токму полицајците кои беа пријателски настроени кон мојот тогашен сопруг ме советуваа да се повлечам и смирам, наместо да проценат колку е опасна ситуацијата за мене“ вели таа, опишувајќи чувство на беспомошност во средина каде што сите се познаваат, а личните врски имаат предност пред професионалната етика.
Во такви заедници, каде што тишината најчесто се претпочита пред вистината, жените се соочуваат не само со насилство, туку и со недоверба, озборувања и страв дека нема да бидат заштитени.
ВЕРУВАШ ВО СЕБЕ КОГА НЕКОЈ ЌЕ ПОВЕРУВА ВО ТЕБЕ
Во најтешките моменти, Лиле имала поддршка од личност која денес ја нарекува „повеќе од сестра“. Нејзината докторка и пријателка била првата што ѝ верувала, што ја слушала без осуда и што ѝ давала сила кога таа самата не можела да ја пронајде. „Секој ден, секоја минута кога имав потреба, таа беше тука. Сакаше да сфатам дека не сум сама,“ раскажува Лиле.
Токму преку неа, Лиле дознала за постоењето на СОС линијата на Националниот совет за родова рамноправност и за можноста да добие стручна помош. Анонимното советување е почетокот на нејзиното извлекување од кругот на насилството. „И денес таа е мојата најголема поддршка. Сè уште ми дава сила и ми помага да останам храбра,“ вели Лиле.
КОГА СЛОБОДАТА ГО ПОБЕДУВА СТРАВОТ
Во СОС центарот секојдневно комуницирала телефонски со психологот и тимот, бидејќи тоа ѝ бил единствениот достапен начин. Потоа следела поддршка од Центарот за социјални работи. Но, најсуштинската промена ја доживеала во шелтер центарот. Психотерапијата во шелтер центарот ѝ помогнала да се ослободи од стравот, од сè што со години го чувала во себе. „Во прв момент мислев дека сум добро, можам да го издржам тоа што ми се случува,“ раскажува Лиле, „но кога ги почувствував слободата и мирот, моментот кога почувствував дека сум на сигурно, сфатив дека не сум добро. По долг период на страв и напнатост моето тело конечно се опушти. Тогаш почнаа да се појавуваат симптоми кои дотогаш биле потиснувани: тресење, несоница, кошмари, внатрешна вознемиреност.“
Хроничниот стрес, психолошката замрзнатост, блокираното тело и ум, сето тоа е дел од механизмот на преживување. Кај жртвите кои долго време живеат во траума, ваквите реакции не се неочекувани, велат експертите. Тоа е начинот на кој психата се штити додека трае болката.
Од таа причина и денес Лиле со позитивни емоции се навраќа на ова место и го нарекува „омилено“. Затоа што се чувствува безбедно, прифатено и охрабрено. „Кога ми е тешко, имам потреба да одам таму,“ вели Лиле.
ДВЕ ГОДИНИ ПОДОЦНА ГО ЖИВЕЕ ЖИВОТОТ ШТО ГО ЗАСЛУЖУВА
„Кога одлучив дека мора да почнам од нула, заминав само со облеката на мене и децата, а денес по две години имаме сè,“ со сјај во очите вели Лиле. Работи како фармацевт, во професијата што ја сака. Успеала да ја земе лиценцата, да положи за возачка дозвола и да купи свој автомобил. Децата ѝ се на сигурно, одат во училиште и градинка, растат во мирна и стабилна средина. Таа продолжува да се грижи за своето ментално здравје и редовно посетува психолог. И не застанува тука, има сертификати за шминка и нега, и веќе е запишана на специјализација по медицинска дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје. Благодарна е и за поддршката од родителите, кои ѝ помогнале да создаде топол дом за себе и децата. „Мојот живот сега изгледа подобро од кога било,“ вели Лиле — и тоа не е само изјава, туку живот што секојдневно го живее.
КОГА МАЈКАТА Е ДОБРО И ДЕЦАТА ЌЕ БИДАТ ДОБРО
Таа зборува од искуство и од срце. На секоја жена која се наоѓа во слична ситуација ѝ порачува: „Прво мисли на себе. Кога мајката е добро и децата ќе бидат добро.“ Нејзината порака е едноставна, но суштинска — храброста не значи да немаш страв, туку и покрај тоа да го направиш првиот чекор. Истовремено, упатува апел до институциите: да реагираат брзо, одговорно и со чувствителност кон жртвите на семејно насилство. Судските процеси, мерките за заштита, разводите и барањата за социјални станови не смеат да се одвиваат со месеци и години, затоа што секој ден во неизвесност е ден во кој жената се бори за својата безбедност. „И јас сум една од тие што има поднесено апликација за социјален стан и чекам одговор,“ вели Лиле, „и се надевам на позитивен.“
Оваа приказна потсетува колку храбри умеат да бидат жените дури и тогаш кога се најранливи. Таа е инспирација за сите што се борат да ја променат својата приказна. Во неа има надеж, сила и доказ дека првиот чекор, иако тежок, е можен. А, за оние што сè уште молчат, ова е тивок повик – живот без страв постои.
