Повик за предлози: Поддршка на младите луѓе за економско зајакнување и претприемништво во Кочанскиот регион*
Проектот финансиран од Европската унија „ЕУ Механизам за граѓанска отпорност – Фаза II: Поддршка за граѓански и грасрут организации“ објавува нов Повик за предлози за директна поддршка за граѓански организации „Поддршка на младите луѓе за економско зајакнување и претприемништво во Кочанскиот регион*“. Повикот е финансиран од Европската унија во рамките на ИПА III Програмата за поддршка на граѓанското општество и медиумите 2024-2025 за Република Северна Македонија 2024–2025.
Овој повик е посветен на младите луѓе од Кочанскиот регион* и на заедницата на која ѝ припаѓаат. Тој поддржува акции што им помагаат да стекнат дигитални и претприемачки вештини и вештини за вештачка интелигенција, да најдат работа и да ги развијат сопствените идеи. Кога растат младите, со нив расте и целата заедница.
За да допре до нив, повикот е наменет на локалните граѓански организации, кои можат да се поврзат со младите кои не се опфатени со формалното образование и службите за вработување. Со повикот се покануваат овие организации да осмислат и да спроведат акции за и со младите.
Приоритети на повикот
Секој апликант мора да избере еден од следниве два приоритети и јасно да го наведе својот избор во апликацијата:
- Дигитални вештини, писменост за вештачка интелигенција и економско зајакнување на младите: помош на младите да стекнат дигитални компетенции и компетенции за вештачка интелигенција, кои можат да ги користат за работа, понатамошно учење или за работа како слободни професионалци и даватели на онлајн услуги.
- Младинско претприемништво и социјално претприемништво: помош на младите да развијат претприемачки вештини и да создадат претпријатија предводени од млади и мали стартапи, што носат економска и социјална вредност за нивната заедница.
Достапна поддршка
Вкупниот буџет на повикот изнесува 300.000 евра. Секоја избрана акција ќе добие директна поддршка во износ од 10.000 до 15.000 евра во период од 10 месеци, при што сите прифатливи трошоци ќе бидат покриени во целост. Не е потребно кофинансирање. Проектот директно им плаќа на давателите на услуги за стоките и услугите што ѝ се потребни на акцијата. Единственото плаќање кон организацијата е надоместокот за тимот за спроведување на акцијата.
Кој може да аплицира
Повикот е отворен за непрофитни, невладини граѓански организации основани според Законот за здруженија и фондации. Организациите мора да бидат регистрирани и да дејствуваат во Кочанскиот регион* најмалку три месеци пред објавувањето на повикот и да имаат годишен приход под 50.000 евра** во последната затворена финансиска година. Право да аплицираат имаат и организациите без претходна финансиска активност.
Информативни сесии
Ги повикуваме заинтересираните организации да присуствуваат на една од нашите три информативни сесии, кои започнуваат во 11:00 часот (локално време):
- 15 октомври 2026 година во Кочани (местото ќе биде потврдено)
- 27 октомври 2026 година, онлајн
- 6 ноември 2026 година, онлајн
За да присуствувате на информативните сесии, Ве молиме испратете е-порака на crm-helpdesk@eu4cr.mk до 9 октомври 2026 година во 17:00 часот (локално време). Ве молиме наведете го името на Вашата организација, како и имињата и адресите на е-пошта на најмногу двајца учесници.
Прашања
Прашањата можете да ги испратите на crm-helpdesk@eu4cr.mk до 6 ноември 2026 година во 17:00 часот (локално време). Сите прашања и одговори се објавуваат на www.eu4cr.mk во делот „Често поставувани прашања“.
Како да аплицирате
Апликациите мора да се поднесат на англиски јазик. Ве молиме поднесете ги Формуларот за апликација (Анекс А), Буџетот (Анекс Б) и придружните документи преку www.eu4cr.mk.
Рокот за поднесување апликации е 16 ноември 2026 година во 17:00 часот (локално време).
Документи за повикот
Насоки за апликантите, Анекс А – Формулар за апликација и Анекс Б – Буџет може да се преземат од www.eu4cr.mk.
Со задоволство ги очекуваме Вашите предлози.
* За целите на овој повик, Кочанскиот регион ги опфаќа општините Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница.
** Донациите за итна помош (на пр. по пожарот) се исклучуваат од годишниот приход доколку се приложи доказ.

