По кратка врска и избрзан брак, 46-годишната Теа, со години се соочувала со психичко и физичко насилство од страна на сопругот. Насилството често се одвивало и пред трите деца, оставајќи сериозни последици врз нивното детство. И покрај бројните пречки, таа успева да најде сила да ја донесе наjважната одлука – да го напушти домот и да започне постапка за развод. Со помош од националната мрежа за заштита на жени жртви, психолози и адвокати, таа ја гради својата нова иднина. Денес е горда мајка, економски независна и професионално исполнета. Нејзината порака до жените е јасна: „Не чекајте – секој ден во тишина е нова лузна.“
ПСИХОЛОШКИОТ ТОВАР НА ПРЕДРАСУДИТЕ
Приказната на Теа е огледало на многу жени кои, под притисокот на околината и предрасудите, носат одлуки што подоцна им нанесуваат голема болка. Притисокот да се омажи „на време“ и стравот дека децата мора да имаат татко по секоја цена ја држеле заробена во брак што ја измачувал физички, психички и емоционално.
„Тони почна да пие редовно. Многу алкохол секогаш значеше многу кавги и насилство. На почетокот тоа се случуваше доцна навечер, кога бевме сами, но подоцна и пред децата,“ сведочи таа.
За Теа, изолацијата станала нова форма на преживување. „Моите најблиски роднини и другарки мораа да бидат подалеку од мене затоа што Тони им се закануваше. Срам ми беше од пријателите,“ вели Теа. Заканите не само што ја држеле во страв, туку ја оддалечувале и од најблиските.
БРЕМЕНОСТА НЕ Е РЕШЕНИЕ
Бременоста често се доживува како последна надеж за спас на бракот, како симбол на нов почеток и можност за промена. Но сведоштвото на Теа ја разобличува суровата реалност: детето не е гаранција за прекин на насилството. „Останав бремена со третото дете. Бременоста беше непланирана, но не и непосакувана. Тоа беше мојата последна надеж дека нешто ќе се смени. Но уште пред да се роди бебето живеев во пекол. Во деветтиот месец, пијан и нервозен, мојот маж ме влечеше за коса низ куќата. Тогаш собрав сила и избегав,“ раскажува таа.
Наместо заштита, институциите ја вратиле назад во опасност: „Каде ќе одиш бе жено со толкав стомак, оди врати си се кај децата и маж ти“ – тоа биле насоките од полициската станица. Сама, со братот како единствена поддршка, по 48 часа го раѓа третото дете. По раѓањето, повторно се враќа во домот на насилниот сопруг, свесна дека тоа е почетокот на крајот.
КОГА ТАТКОТО Е ЗАКАНА, А НЕ ЗАШТИТА
Теа останува во насилниот брак уште три години, заробена меѓу стравот и социјалниот притисок, со мислата „имам три деца и не сакам тие да растат без татко“.
Но присуството на татко кој е синоним за насилство не носи заштита, туку закана. Во таква средина, мислата „да не растат без татко“ станува опасна заблуда што остава најдлабоки траги врз децата. Кај најстариот син на Теа, последиците се одразиле во училиште преку деструктивно и агресивно однесување. „На преглед му препишаа таблети за смирување кои се даваат на шизофреничари,“ сведочи таа, откривајќи ја тежината на траумата што ја носело детето. По препишувањето на терапијата, со најдобра намера психијатарот ѝ го дава и следниов совет: „Состојбата на детето нема да се подобри ако не се смени средината во која расте и живее.“ Зборовите ја освестуваат Теа, ја погодуваат како мајка и ја принудуваат да ја согледа болната вистина. Во тој миг – миг исполнет со болка, но и со решителност – таа решава да ја започне постапката за развод.
ЧОВЕЧКА ПОДДРШКА ЗАД ПРАВНАТА БОРБА
Од самиот почеток најголема поддршка добива од националната мрежа за заштита на жени жртви, која ѝ обезбедува психолошка помош за неа и подоцна за нејзините деца, како и постојана придружба од социјален работник на секоја средба во Центарот за социјална работа, со цел да ги штити нејзините интереси и да ја охрабрува. Дополнително, од мрежата ѝ е доделен грант за започнување сопствен бизнис. Во правните постапки првично ја застапува пријателка со минимален надомест, но поради закани и уцени таа се повлекува, по што адвокатот Ј.М. безрезервно и без никаков надомест го презема нејзиниот случај – не само за разводот, туку и за сите кривични постапки кои се поведуваат и сè уште траат. Неговата упорност и присуство на секое рочиште се доказ дека вистинската поддршка не е само правна, туку и човечка. „На ниедно рочиште не ме остави сама – тоа ми даде сила да истраам,“ вели Теа.
СТАРАТЕЛСТВОТО И ФИНАНСИСКАТА БОРБА
Добивањето на старателството врз децата не претставува промена во секојдневната семејна динамика – Теа и претходно сама се грижела за нив, додека таткото бил отсутен и незаинтересиран. Но правната потврда носи нова сигурност: институционално признание дека децата растат со еден родител кој е присутен, одговорен и посветен. За неа тоа е симбол на стабилност и заштита, особено по долгата и исцрпувачка борба низ институциите.
Финансиската независност станува вториот столб на нејзината нова реалност. Со поддршка од семејството и националната мрежа, Теа добива можност да започне сопствен бизнис и да обезбеди стабилна работа како образовен асистент. Таа не се потпира на бившиот сопруг – ја гради својата иднина самостојно, со сила и поддршка од заедницата. „Обврските кон децата отсекогаш беа моја должност, а трошоците моја одговорност. Денес ги носам со гордост и независност,“ истакнува Теа.
Приказната на Теа е сведоштво дека патот од насилство кон слобода е долг, тежок и исполнет со пречки, но и дека е можен. Таа покажува дека институционалната поддршка е важна, но дека вистинската сила лежи во храброста на жената да ја донесе најтешката одлука и да истрае. Денес Теа е симбол на отпор и надеж – мајка која успеала да обезбеди мирна и сигурна средина за своите деца, економски независна жена која ја гради својата иднина со достоинство. Нејзината порака до жените останува силна и недвосмислена: „Твојата иднина зависи само од тебе.“
