
ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА: „Младите како двигатели на промени – превенција на насилството преку учество и едукација“
5 декември 2025, Europe House Skopje
Во рамките на кампањата „16 дена активизам против родово засновано насилство“, Кризниот Центар „Надеж“, со поддршка од Европската Унија, организираше панел дискусија посветена на улогата на младите во превенцијата и намалувањето на насилството во заедницата. Настанот обедини претставници на институциите, локалната самоуправа, меѓународните организации и граѓанскиот сектор со заедничка цел — создавање ефективни политики и програми што ќе овозможат општество без насилство. На настанот прикажан беше и краток филм изготвен во кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“.
Младите – двигатели на промени
Настанот го отвори Маја Ацевска, претседателка на Кризен Центар „Надеж“, која ја истакна централната порака: „Младите се клучни во превенцијата на насилството. Тие не сакаат да останат пасивни – сакаат да бидат вклучени.“

Модераторката Митана Стевковска, правничка во КЦ „Надеж“, додаде: „Сите сме одговорни, но младите се тие што можат најсилно да ја предизвикаат промената.“
Улогата на институциите и државните политики
Како дел од воведните обраќања, свое излагање имаше и Лидија Штерјов, раководителка на Одделението за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Таа нагласи: „Често велиме дека младите се иднината, но тие се нашата сегашност. Сега мора да ги вклучиме.“
Штерјов се осврна и на новата осумгодишна национална стратегија за превенција на насилството, која опфаќа ненасилна комуникација, здрави односи, дигитална безбедност и училишни тимови за превенција: „Насилството кај младите не се појавува ненадејно. Тоа е резултат на напластени конфликти и немање поддршка.“
Локалната заедница како партнер
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ја истакна улогата на општините во раната превенција: „Како локална заедница мораме да бидеме будни — не само да реагираме, туку да превенираме.“ Тој ја нагласи важноста на образованието и активната младинска улога: „Без вложување во образованието нема вистинска превенција. Но ако младите останат пасивни, ниту образованието нема да донесе промена.“

Европска перспектива и меѓународна поддршка
Програмската менаџерка за граѓанско општество и родова еднаквост во Делегацијата на Европската Унија, Ирена Иванова, посочи дека овој проблем е глобален и со него се борат и европпските земји-членки: „Ова е сè уште многу тажен феномен. Во ЕУ, секоја трета жена трпи насилство.“ Таа додаде: „Оваа кампања не треба да трае само 16 дена — треба да трае целата година.“
Поддршка, интервенција и улога на полицијата
Во главниот панел свое излагање имаше и Јулијана Станчова, помошник-началничка на Одделението за криминалистички работи Карпош при МВР. Таа истакна: „Луѓето се животи, не се бројки. Нашиот став мора да биде нулта толеранција кон насилството.“ Станчова зборуваше и за континуираните обуки за полициските службеници, особено по ратификацијата на Истанбулската конвенција, како и за меката обука и насочување кои младите службеници ги добиваат од поискусните колеги: „Секој треба да се чувствува слободно дека ќе биде виден, ќе биде слушнат. Треба да се трудиме да придонесеме и да оставиме траг, да работиме со душа.“
Граѓанскиот сектор и младинската работа
Жарко Змијанац, в.д. оперативен директор на Првата детска амбасада „Меѓаши“, ја нагласи улогата на семејството, училиштата и врсниците во развојот на детето.
Младинскиот работник Љупчо Велковски говореше за важноста на младинските центри:
„Младите можат да се вклучат во локалните политики. Но, мора да обезбедиме одржливост на младинските центри.“

Психолошка поддршка и гласот на преживеаните
Александра Панчевска, психолог при СОС Детско село, зборуваше за важноста на поддршката меѓу жените кои преживеале насилство:
„Јакнењето на самодовербата е клучно. Некои од жените што ги поддржуваме сакаат да го кренат гласот и да им помогнат на другите.“
Едукацијата од најрана возраст
Наставничката Оливија Георгиевска од ИПС Македонија ја нагласи силата на образованието:
„Едукацијата треба да почне од предучилишна возраст – преку игри, програми, активности.“
Таа додаде и охрабрувачка порака:
„Надеж има секогаш. Секој ден е нов ден. Сите оставаме некаков печат.“

Рехабилитацијата на насилниците – дел од решението
Претставничката на ХЕРА, Ива Михајловска, ја нагласи потребата од системска поддршка за програмите за рехабилитација:
„За рехабилитација на насилниците потребни се средства. Се работи за обемна работа од 16 сесии, а поддршката мора да биде континуирана.“ Во однос на тоа, беше посочено дека државата треба да обезбеди средства за сите насочени лица, не само за оние упатени преку центрите за социјална работа.
Зголемена свест кај младите
Претставничка од Организацијата на жени на град Скопје сподели дека свеста кај младите расте:
„Свеста кај младите е зголемена. Тие веќе знаат каде можат да побараат информација.“
Панел дискусијата потврди дека младите се суштински партнери во процесите на превенција на насилството. Преку образование, активна партиципација, силни институции и поддржувачки заедници, може да се создаде општество во кое насилството нема место.
Како што нагласи еден од говорниците: „Нема простор за молк.“
Невладината организација Кризен Центар Надеж го спроведува проектот „Имплементација на Стратешки план на Кризен Центар „Надеж“ 2022-2025“, финансиран од Европската унија.
