P: Во која буџетска категорија се внесуваат експертите – надоместок за тимот на акцијата (човечки ресурси) или други трошоци?
O:
Експертите, обучувачите и менторите се внесуваат во категоријата 4 (Други трошоци и услуги), ставка 4.1 од Буџетот. Тие не се дел од надоместокот за тимот на акцијата (ставка 1.1) и не се засметуваат во неговата горна граница од 20%. Договорниот орган директно склучува договор со нив и директно ги плаќа.
Насоки за апликантите: дел 2.3 (Надоместок за тимот на акцијата); Анекс Б – Буџет, Опис на прифатливите трошоци, ставки 1.1 и 4.1.
P: Дали (средните) училишта можат да бидат соработници и дали наставник може да биде платен како експерт?
O:
Да, училиштата можат да бидат соработници. Соработник е организација или поединец што има вистинска улога во проектот, но не добива директна поддршка за сопствените трошоци, освен за трошоците за патување и престој непосредно поврзани со активностите на акцијата. Соработниците мора да бидат опишани во Анекс А – Формулар за апликација. Училиштето може, на пример, да помогне за да се допре до младите , да обезбеди простор или да учествува во активностите. Наставниците можат да учествуваат во проектните активности, но не можат да добиваат хонорар од проектот. Според Насоките, надоместоците за вработените во јавната администрација не се прифатлив трошок, а се смета дека ова правило се однесува и на наставниците вработени во јавните училишта.
Насоки за апликантите: Поимник („Соработник“), дел 2.1.1 (Соработници), дел 2.3 (Неприфатливи трошоци) и дел 4.2 (поткритериум 4.2).
P: Дали активностите може да се одржуваат за време на викенди или државни празници, за дасе прилагодат на целната група?
O:
Активностите може да се одржуваат за време на викенд кога тоа им го олеснува учеството на младите, на пример на учениците што одат на училиште во текот на неделата.. Активностите не може да се одржуваат на државни празници.
Времето на одржување на активностите треба да биде прикажано во планот за работа и образложено во Формуларот за апликација.
Насоки за апликантите: дел 4.2 (поткритериум 3.4).
P: Дали волонтерите мора да бидат од четирите општини од Кочанскиот регион или може да учествуваат и волонтери од други делови на земјата, на пример од Скопје?
O:
Може да учествуваат и волонтери од други делови на земјата. Нивните трошоци за храна и превоз за одредена активност се покриваат на ист начин како и трошоците на другите учесници во таа активност. Волонтерите не добиваат никаков друг надоместок.
Насоки за апликантите: дел 2.3 (Трошоци за волонтери); Анекс Б – Буџет, Опис на прифатливите трошоци, ставка 2.3.
P: Дали грантот може да ги покрие трошоците за прототипови во натпревар за деловни идеи на млади (набавка на материјали за изработка на нешто практично)?
O:
Да, под услов изработката на прототипови да биде активност за учење во рамките на акцијата. Материјалите за прототипови може да се покријат кога прототипот се изработува во рамките на активности како што се лабораторија за дизајн-размислување или за иновации, хакатон или предизвик за деловни иновации и кога служи за тестирање и презентирање на идејата. Ваквите активности се наведени меѓу индикативните активности во рамките на Приоритет 1 (лаборатории за иновации) и Приоритет 2 (лесна инкубација, настани за презентирање стартап-идеи на младите и предизвици за деловни иновации). Материјалите се потрошен материјал наменет конкретно за акцијата. Тие мора да се внесат во Анекс Б, ставка 3.2, и мора да бидат неопходни, пропорционални и оправдани.
Пример: Предизвик за деловни иновации во занаетчиството: младите развиваат идеја за производ, на пример торба изработена од рециклирани материјали, и сошиваат еден или два прототипа што ги презентираат на настанот за презентирање идеи. Се покриваат: ткаенина, конец и рециклирани материјали.
Прототип на дигитален производ: тим изработува макета на мобилна апликација за локален туризам. Се покриваат: лиценци за софтвер за изработка на прототипови за времетраењето на активноста (Анекс Б, ставка 3.3).
Директната поддршка нема да го покрие развојот на производи за сопствен бизнис на млад човек. Ова вклучува производство на прва серија, производ наменет за продажба, амбалажа или калап за производство. Ваквите трошоци се сметаат за почетен капитал или трошоци на индивидуален бизнис, кои не се прифатливи. Поддршката, исто така, не смее да остварува профит за учесниците.
Поддршката не може да им се доделува на учесниците или на тимовите како индивидуални надоместоци или пакети материјали за изработка на сопствени прототипови, надвор од активностите на акцијата. Набавката на опрема не е прифатлив трошок. Опремата потребна за изработка на прототипови може да се изнајми (Анекс Б, ставка 3.1).
Насоки за апликантите: делови 2.2 (Приоритети 1 и 2, индикативни активности) и 2.3 (неприфатливи трошоци; правило за неостварување профит); Анекс Б, напомени за ставките 3.1, 3.2 и 3.3.
P: Дали патувањата на координаторот со сопствен автомобил за потребите на управување со проектот може да се пресметаат во ставката „Локални патувања“?
O:
Не. Патувањата за општото функционирање на проектот не може да се покријат. Такви се, на пример, патувањата за состаноци, за прибирање понуди од добавувачи или за административни задачи. Ставката за локални патувања ги опфаќа само патувањата непосредно поврзани со проектна активност. Патувањето на координаторот до одредена активност, на пример до работилница во Зрновци, може да се вклучи во Буџетот за таа активност. Работата на координаторот за управувањето со проектот е покриена со надоместокот за тимот на акцијата.
Насоки за апликантите: дел 2.3 (Покривање на трошоците; Надоместок за тимот на акцијата).
P: Доколку останат средства од набавките, дали можеме да планираме нова активност со Ваше одобрение и колку време пред крајот?
O:
Заштедите од набавките не може да се искористат за додавање нова активност што не била вклучена во одобрената акција и Буџет. Одобрениот буџет е максималниот расположлив износ и не може да се зголеми.
Доколку реалните трошоци за одобрените активности се разликуваат од планираните износи, средствата може да се прераспределат меѓу тие активности, со претходна согласност од Договорниот орган и во рамките на одобрениот вкупен буџет. Прераспределбата мора да биде договорена пред да се изврши.
Насоки за апликантите: дел 2.3 (Покривање на трошоците; општи принципи).
P: Каде ги образложуваме материјалите и другите трошоци?
O:
Во листот „Образложение“ (Justification) од Буџетот (Анекс Б). Листот „Буџет“ (Budget) го прикажува само трошокот за секоја ставка: единица, број на единици и единечна цена. Во листот „Образложение“ се објаснува секоја ставка:
- за која активност од Формуларот за апликација е наменет трошокот;
- зошто е потребен;
- како е проценет износот, на пример врз основа на понуди, цени на слични активности или објавени тарифи.
За материјалите, тоа значи да се наведе што е потребно и за кого. На пример: тетратки, пенкала и хартија за флипчарт за 20 учесници на дводневна обука.
Насоки за апликантите: дел 2.3 (Прифатливи директни трошоци) и дел 4.2 (критериум 5 – Буџет и исплатливост); Анекс Б – Буџет, лист „Образложение“.
P: Како да ги буџетираме даноците и ДДВ?
O:
Хонорарите се буџетираат во бруто износ. Сите хонорари во Буџетот се бруто износи, кои ги вклучуваат персоналниот данок на доход и евентуалните придонеси. Ова се однесува на координаторот и асистентот (надоместок за тимот на акцијата), како и на експертите и обучувачите.
Стоките и услугите се буџетираат без ДДВ. Проектот е ослободен од ДДВ за поддршката што се обезбедува во рамките на овој Повик. Добавувачите ги издаваат своите фактури без ДДВ, во име на проектот, а проектот директно им ги плаќа. Избраните организации не треба да се регистрираат за ослободување од ДДВ ниту самите да плаќаат ДДВ.
Насоки за апликантите: дел 1.3 (Форма на поддршката) и дел 2.3 (Надоместок за тимот на акцијата; Неприфатливи трошоци).
P: Како треба да се буџетира превозот, вклучително и користењето сопствени возила?
O:
Превозот може да се буџетира само кога е непосредно поврзан со проектна активност, на пример патувањето на учесниците до работилница во Зрновци или на обучувач до обука во Виница. Патувањата за општото функционирање на проектот, како што се патувањата на координаторот до состаноци или за прибирање понуди, не може да се покријат.
Трошоците за превоз се внесуваат во ставката 2.1 (Локални патувања) од Буџетот. Секоја активност за која е потребен превоз може да има посебна ставка. По правило, превозот се организира преку давател на услуги, на пример со изнајмување автобус или комбе. Кога тоа не е можно, може да се користи јавен превоз или приватен автомобил. Во листот „Образложение“ (Justification) треба да се наведат релацијата, приближното растојание и бројот на лица што патуваат.
Насоки за апликантите: дел 2.3 (Покривање на трошоците; Трошоци за волонтери) и Анекс Б – Буџет.
P: Компанија сака да придонесе со 3.000 евра (на пр. за награди). Дали можеме тоа да го наведеме или да приложиме договор? Тоа е важно за одржливоста.
O:
Да, можете да го наведете тоа во Формуларот за апликација, но не го приложувајте договорот, бидејќи се оценуваат само Формуларот за апликација и Буџетот. Компанијата може да се наведе во Формуларот за апликација како соработник, односно организација што има вистинска улога во проектот, но не добива директна поддршка за сопствените трошоци, освен за трошоците за патување и престој непосредно поврзани со активностите на акцијата. Соработниците мора да бидат опишани во Анекс А – Формулар за апликација.
Наградите финансирани во рамките на овој Повик мора да бидат непарични. Компанијата може самата да обезбеди парични награди, надвор од буџетот на акцијата, доколку нивниот извор е јасно наведен.
Насоки за апликантите: Поимник („Соработник“), дел 2.3 (Неприфатливи трошоци и соодветната фуснота) и дел 4.2 (поткритериум 4.2).