Славица е мајка на две деца и жена која со децении трпела семејно насилство — физичко, психичко и економско. Триесет и пет години живеела во брак во кој владееле контрола, понижување и страв. Работела, но немала пристап до сопствените пари. Секојдневието ѝ било борба — за достоинство, за мир, за опстанок.
И покрај длабоката траума, денес Славица живее слободно. Работи, се грижи за себе, чита, шета и им помага на други жени да го направат првиот чекор кон слободата.
КОГА СТРАВОТ Е СЕКОЈДНЕВИЕ
„Кога ќе ја слушневме колата дека доаѓа, јас и децата легнувавме и се правевме дека спиеме. Само за да не го предизвикаме неговиот бес.“ Оваа навика не е прашање на избор — таа се создавала како инстинкт за преживување. Кога животот е обвиен со страв, телото и умот не бараат слобода, туку начин да го издржат тој страв. Славица со години живеела во состојба на хронична траума, каде што секој ден бил борба со невидливи закани, а секој миг — потенцијална опасност. Нејзиниот живот се сведувал на тишина. Да не предизвика. Да не се истакне. Да не биде причина за гнев. Секој ден бил стратегија — на невидливост, на воздржаност, на опстанок.
Но насилството не било само физичко. Нејзиниот тогашен сопруг го контролирал секој потрошен денар. „Никогаш немав пари во мене. Картичката секогаш беше кај него. Ако требаше да одам на лекар, ќе ми дадеше 200 денари ‘да ми се најдат’.“ Славица работела, но немала пристап до сопствената плата. За храна, за лекови, за да отиде на лекар — морала да бара пари. Финансиската контрола била постојана и длабоко понижувачка. „Често се запишував во продавница за да можам да зготвам ручек, а кога ќе ја платеше сметката со мојата плата, ми ја носеше дома – само за да ми покаже колку „многу трошам“.
ПРЕПОЗНАВАЊЕ
Еден ден, додека била на работа, во локалот се одржала работилница за семејно насилство од страна на невладина организација. Славица присуствувала на работилницата, и слушнала различни судбини. „Како да се препознав во нивните приказни.“, вели Славица
По завршувањето на работилницата започнала разговор со една од жените. Зборовите на жената за неа биле порака дека нешто мора да промени. „Животот е борба. Ние самите можеме да се избориме и никој друг наместо нас. Никој ништо не добива на тацна.“ Работилницата ѝ ги отвора очите. За првпат, Славица се препознава во туѓите приказни — во тишината, во стравот, во секојдневната борба што ја водела без збор. И тоа е моментот кога одлучува да замине. Со себе понесува само една торба алишта и ќерка ѝ. На почетокот се засолнува кај сестра ѝ.
Одлуката за развод сè уште не била конечна. Славица се двоумела дали разводот е решение. Верувала дека можеби тој ќе се промени, дека ќе си ги признае грешките. „Заради децата и семејниот бизнис што го имавме, повремено комунициравме. Понекогаш делуваше искрено, но бргу се враќаше на старото. Сфатив дека колку повеќе се трудам, толку повеќе пропаѓам во жив песок“.
Децата, во обид да зачуваат нешто свое, се вратиле да живеат во стариот дом. Но една вечер, таткото пијан, ги избркал и нив. Сред ноќ. „Тоа беше последната капка. Тогаш умре и мојата последна надеж дека ќе се промени.“ Ова е капката што ја прелила чашата, момент кога Славица престанува да бара оправдување, престанува да се надева, и конечно го признава насилството како нешто што нема да исчезне.„Овојпат не се поколебав. Поднесов тужба за развод.“
И ТИ МОЖЕШ
По поднесената тужба за развод, Славица добива психолошка, правна и емоционална поддршка од невладина организација. „Ме пречекаа со топлина и разбирање. Тоа беше првпат некој да ме слушне без да ме прекинува,“ вели таа.
Средбата со тимот и едноставното, но пресудно „ти можеш“ ѝ ја враќа вербата дека вреди да се бори — за себе, за своите права, за својот живот. Психолошката поддршка ѝ помага да ја врати самодовербата, а економската независност ѝ дава чувство на контрола. „За мене тоа е мир,“ вели Славица. „Да можам сама да одлучам што ќе купам, каде ќе одам — без да молам.“
НАЈУБАВО Е ДОМА
Сестра ѝ е првото прибежиште – сигурно, но привремено. Вистинското чувство на „дом“ доаѓа два месеци подоцна, кога Славица го изнајмува својот стан. Просторот е скромен, речиси празен, но нејзин. „Имав и страв и радост. Почувствував дека конечно дишам,“ вели Славица. „Кога ја донесовме првата завеса и го зготвивме првиот ручек, се почувствував дома, иако имавме само неколку работи.“
Тоа мало станче, со неколку парчиња мебел станува нејзин свет. Простор што сама го избрала, сама го уредила. Без туѓи правила, без страв. За првпат, Славица не мора да моли, да објаснува, да се правда. Секој предмет е нејзин избор.
РАЗВОДОТ Е ПОЧЕТОК
Разводот не е крај. За Славица, тоа е почеток. Иако сè уште се соочува со судски процес за поделба на имотот, денес живее со мир во душата. „Плачев, но тоа беше поинаков плач — како да ја исфрлам целата тежина од себе,“ вели.
Чувството на безбедност доаѓа постепено, низ секојдневни, едноставни ситуации. Кога купува нешто за себе без да се оправдува. Кога чита книга без да ја прекинуваат. Кога гледа филм и не се плаши од звукот на клучот во бравата. Кога пие кафе и тишината не е закана, туку спокој. „Дом сега значи мир, тишина и сигурност. Место каде што можам да бидам тоа што сум.“
Денес, Славица е симбол на женска сила. Во контакт е со други жени кои минуваат низ слични искуства. Им дава надеж, зборува искрено, без патетика. „Им кажувам дека може и поинаку — затоа што јас сум жив доказ за тоа.“
