Нoвости
05 Дек

Приказната на Хероина бр. 5 (16 дена активизам против родово заснованото насилство 2025)

05 декември 2025

Во Северна Македонија, сè уште постојат жени кои, поради страв, осуда или институционални пречки, не успеваат навреме да побараат помош и со години живеат во тишина како жртви на семејно насилство. Ова е приказна на четириесетгодишната Снежана од Штип, докторка по општа медицина, мајка на две деца, која долги години живеела во насилна врска, изложена на физичко и психичко малтретирање. Иако професионално активна, нејзиниот приватен живот бил проследен со контрола и закани. Нејзината борба трае. Но, насилството е зад неа.

ЉУБОМОРАТА НЕ Е ЉУБОВ

Во многу случаи на семејно насилство, контролата започнува со љубомора. Жените кои се професионално активни често се соочуваат со партнери кои го доживуваат нивниот успех како закана. Наместо поддршка, добиваат ограничувања. Наместо партнерство — надзор. Насилството не мора секогаш да заврши со модрици, но секогаш има последици. „Беше болно љубоморен. Заради него не отидов на специјализација. Ми постави услов: или семејството или кариерата.“, вели Снежана. Тоа бил првичниот притисок да се избере меѓу личниот развој и „мирот дома“.

ОДЛОЖУВАЊЕТО НЕ ЗНАЧИ ПРИФАЌАЊЕ

Како и многу други жени, така и Снежана останува во тој брак не затоа што не препознава што се случува, туку затоа што кога си мајка одлуката за заминување не е само лична — таа е логистичка, финансиска, емотивна. „Мајка ми е почината, а татко ми поладен како родител уште од раното детство,“ признава таа.

Таа празнина, емоционална и практична ја одложила одлуката за развод. „Можеби и поради смртта на мајка ми го одложив разводот многу години, бидејќи знаев дека ќе немам помош околу чување на децата бидејќи работам во три смени “, отворено зборува Снежана.

Од друга страна, недостигот на грижа од страна на нејзиниот татко во детството остава трага што лесно се прелева во брачниот однос. Кога не си научен што значи емоционална безбедност, лесно го прифаќаш отсуството на блискост како нешто нормално.

ПОДДРШКАТА НЕ МОРА ДА БИДЕ ГОЛЕМА, НО ВАЖНО Е ДА БИДЕ ВИСТИНСКА

„Почнав да станувам депресивна и со саати да гледам во една точка. Нагло слабеев — изгубив 20 килограми за многу краток период,“ вели таа. Психичкото насилство веќе го нарушило нејзиното здравје и идентитет. Одењето на психолог е пресвртна точка за Снежана, момент кога првпат проговорила за своите проблеми и почувствувала олеснување.

Кога конечно решила да се тргне од насилството, поддршката дошла од нејзините пријателки и колешки. „Уште во првите денови ми пратија садови за домаќинство и чаршави. Тоа беше доволно за да почнам од почеток,“ вели таа. Од фамилијата не добила значајна поддршка, но имала сопствен стан — и тоа било клучно. Имала каде да оди и каде да започне од почеток.

СТИГМАТА НЕ ЗАВРШУВА СО РАЗВОДОТ

Во малите средини, разводот сè уште се доживува како личен неуспех, а не како храброст. Жените кои се тргнале од насилство се соочуваат со нова форма на изолација — од пријателки, соседи, па дури и од институции.

„Ми пречеше тоа што луѓето веднаш те гледаат со други очи,“ вели Снежана. „Ми требаше водоинсталатер, но не сакаше да дојде во мојот дом за да не си помисли мојот бивш сопруг нешто погрешно или станарите во зградата.“

Многумина ѝ сугерирале дека заради децата треба да го сочува бракот, што ја натерало да се чувствува уште потешко.

Во малите градови, вели таа, разводот е особено тежок за пребродување. „Сè уште се чувствувам неприфатено. Во теретаната каде почнав да одам и во кафетериите секогаш има лоши коментари и забелешки што прават да не се чувствувам убаво.“

Стигмата се проширила и во приватните односи — пријателка со која имала близок однос престанала да комуницира откако нејзиниот сопруг ѝ забележал дека не треба да се дружи со разведени жени. Ниту училиштето не обезбедило рамноправна комуникација откако таткото побарал од нив да го контактираат само него.

НАЈГОЛЕМАТА БОЛКА Е ОДДАЛЕЧУВАЊЕТО ОД ДЕЦАТА

Снежана успеала да ја надмине депресијата со стручна помош, но нејзината борба продолжува. Насилството е зад неа, но она што и понатаму ѝ причинува најголема болка е оддалечувањето од децата. Во нивниот случај, таткото е старател, а иако договорот предвидува нејзина непречена комуникација со децата, таа не се остварува.

„Најмногу ме боли тоа што моите деца ме одминуваат и не сакаат да комуницираат со мене. Јас сум отуѓен родител,“ вели Снежана. „Ако беа помали, ќе ги носеа во центарот за социјална работа за да оствариме средби. Но сега, кога се поголеми, не постои механизам преку кој можам да ја воспоставам таа врска.“

Приказната на Снежана е потсетник дека овие битки не завршуваат со разводот. Нејзиното искуство покажува дека преживувањето не значи и целосно заздравување. Затоа е важно системот навремено и одговорно да реагира, да обезбеди механизми за комуникација, заштита и психолошка поддршка. „Луѓето треба да знаат дека насилството — психичко и физичко — не е филм за да го гледаат. Треба да се дејствува против него, бидејќи на секој може да му се случи,“ апелира Снежана.