Даница, самохрана мајка на три деца, жртва на семејно насилство, успева да излезе од насилна врска благодарение на поддршката од граѓанска организација. И покрај заканите, следењето и економската несигурност, таа се изборила за старателство, правна заштита и нов почеток. Денес, преку изработка на накит, гради пат кон финансиска независност и психолошко заздравување, вклучувајќи ги и своите деца во процесот. Нејзината приказна е сведоштво за храброста, мајчинската сила и значењето на навремена поддршка.
НАДЕЖТА КАКО СТАПИЦА
Даница го изгубила својот татко кога имала тринаесет години. Животот ја научил како изгледа да растеш без родителска поддршка и токму затоа, кога станала мајка, сакала нејзините деца да имаат татко покрај себе. Тоа била првата причина зошто се обидувала да го задржи бракот.
„Проблемите почнаа уште со првата бременост. Беше агресивен, насилен. Три дена сè ќе биде добро, наредните десет сè по старо.“ – раскажува таа. Насилството не било само физичко. Било емоционално, психолошко, економско. Жртвите на семејно насилство често остануваат во врската затоа што се надеваат дека нешто ќе се смени.
Психолозите објаснуваат дека надежта за промена е дел од циклусот на насилство – по секој напад следи период на „мир“, извинување или игнорирање, што ја храни илузијата дека можеби ќе биде подобро. „Мислев дека правам добро за децата, ама цело време страдав. Работите никако не одеа на подобро. Почна да ме малтретира не бирајќи дали се децата со мене, дали спијат или не.“ – признава Даница.
СИРОМАШТИЈАТА КАКО ТИВОК СОУЧЕСНИК
Во Северна Македонија, многу жени се соочуваат со структурна сиромаштија, особено кога стануваат самохрани мајки. „Со три малолетни деца и без финансиска поддршка, не знаев каде да одам.“ Економската зависност е една од најголемите пречки за излез од насилна врска. Кога немаш сопствен приход, сопствен простор, ниту сигурност дека ќе можеш да ги нахраниш децата – изборот да ставиш крај на приказната изгледа невозможен.
ОД СТРАВ ДО СТАРАТЕЛСТВО – ПОДДРШКАТА МЕНУВА СÈ
Во момент на целосна неизвесност, кога Даница не знаела каде да се обрати, нејзината тетка ѝ предложила да побара помош од граѓанска организација која нуди бесплатна правна и психолошка поддршка за жени. „Знаев дека ми треба финансиска и правна помош, а немав ништо,“ вели таа.
Стравот бил постојан. Тој ја следел, ја уценувал, ѝ се заканувал дека ќе ја убие. „Не се осмелив да го пријавам. Сè трпев,“ признава. Но преку граѓанската организација, Даница добила простор да проговори, да се заштити, да почне да верува дека излезот е можен. „Со многу сила и надеж, почнав да верувам дека ќе успеам да ги спасам децата, но и себе.“
Разводот и добивањето на старателството биле пресвртница — и правна, и лична. За многу жени, тоа е чекор што изгледа недостижен. За Даница, тоа било доказ дека нејзината борба не е залудна, но и потврда дека институциите можат да застанат зад жена која се охрабрила да проговори, која побарала помош и покажала дека заслужува поддршка.
НАКИТОТ КАКО ТЕРАПИЈА И СИГУРНОСТ
Поддршката од граѓанската организација не завршила само со психолошката и правната помош. За Даница, тоа било само почеток. Организацијата ѝ понудила и можност за економско зајакнување. „Со нивзапочнавме изработка на накит – тоа за мене е голема економска поддршка, но и психолошка релаксација.“ Даница не само што учи да дизајнира накит, туку своите деца ги учи на занает, на самодоверба, на вредности.
„Убаво е чувството кога сам нешто создаваш, твориш и кога од тоа ќе произлезе дело со кое се гордееш“, ни признава Даница.
Приказната на Даница не е исклучок — таа е огледало на многу жени во Северна Македонија. Но, таа е и доказ дека поддршката, правната заштита и економската автономија можат да го променат животот. Таа покажува колку е важно жените навреме да добијат помош, да бидат слушнати, заштитени и охрабрени.
Оваа сторија е повик до институциите и до заедницата да ги заштитат и поддржат жените, но и повик до секоја жена: да не молчи, да побара помош, и да верува дека е можно. Дури и кога изгледа невозможно.
