Нoвости
29 Ное

Приказната на Хероина бр. 3 (16 дена активизам против родово заснованото насилство 2025)

29 ноември 2025

Лејла е мајка на две деца и жртва на семејно насилство. По 17 години исполнети со страв, закани и болка, успева да го напушти насилникот и да започне нов живот. И покрај долгогодишната траума, болеста и институционалните препреки, таа се изборила за развод, старателство и безбедност за себе и своите деца.

Со поддршка од психолог, пријатели и институции, денес живее под кирија, вработена е и повторно се чувствува како жена.

МОЛЧЕЊЕТО НЕ Е ЗЛАТО

Лејла се омажила млада. Била бремена и имала надеж дека ќе создаде стабилно семејство. Но веднаш по стапувањето во брак, сопругот заминал во затвор поради трговија со наркотици. Таа останала сама со мало бебе, без сопствен приход, со родители кои имале здравствени потешкотии. „Многу работи ги молчев и лажев, само за да не им бидам товар. Не сакав да ги загрижувам дополнително,“ раскажува таа.

По три тешки години, сопругот се вратил од затвор. Таа мислела дека најлошото е зад неа. „Се надевав дека ќе се смири, дека ќе почнеме одново. Но се лажев, дури тогаш започна голготата.“ Насилството било постојано — физичко, психолошко, економско. „Ме удираше, ме навредуваше, ме обвинуваше дека ќерката не е негова. Ме натера да правам ДНК тест за да му докажам.“

Родителите дознале, но не можеле да ја заштитат. Тој им се заканувал и ним. „Се плашев за сите. Децата растеа во страв. Синот ми се разболе од дијабет. Парите што ги заработував не стасуваа — тој ми ги зимаше за дрога. Ако не му дадев, почнуваше хоророт.“ Во обид да ги заштити децата, се согласила да се пресели во странство.

КОГА ТЕЛОТО ВЕЛИ „НЕ“

По години и години молчење и непрекината изложеност на насилство, години на траума и страв, потиснатите емоции оставиле трага. Псоријазата била првиот знак. Потоа — дијагноза на карцином. „Гледав како телото ми се распаѓа. Сè беше толку лошо, што побарав помош на Клиника за кожни болести во Скопје. Таму ми дијагностицираа карцином.“

Кога ѝ погледнала на смртта во очи, сфатила дека веќе нема време за чекање. Дијагнозата на карцином била уште еден удар, но и сигнал. Хемотерапијата била тешка, косата ѝ паѓала, телото се менувало, но токму таа физичка трансформација ја поттикнала и психолошката. „Гледав како се менувам, и си реков — време е да се сменам и одвнатре. Да престанам да трпам.“ Тоа бил моментот кога почнала да верува дека може да успее. Не само да преживее, туку и да се ослободи од него и тој начин на живот. „Ако можам да ја победам болеста, морам да го решам и овој проблем,“ вели таа.

СИЛАТА ЗА ПРОМЕНА

На почетокот, институциите не знаеле како да ѝ помогнат. Кака што вели самата: „Се однесував како нестабилна личност – 16 пати поднесував пријава, па ја повлекував. Се плашев, се надевав, се двоумев. И тие ме гледаа како да не знам што сакам.“ Но вистинската промена започнува кога самата одлучува да се избори. „Ако сакаме вистинска помош, мора прво ние да се охрабриме. Од нас зависи.“

Најголема сила ѝ била психолошката поддршка. „Советувањето, насоките што ги добивав од психологот ми помогнаа да сфатам дека јас не сум виновна за насилството. Единствениот виновник е мојот сопруг — насилникот.“ Психологот ѝ бил достапен во секој момент. „Кога бев во странство, се слушавме онлајн. Ми помогна да сфатам дека не сум виновна. Дека не сум сама.“

Подоцна, поддршка добила и од институциите. „МВР, Јавното обвинителство и Центарот за социјални работи почнаа поажурно да гледаат на мојата приказна.“ Тоа било потврда дека системот реагира, но важно е жената да проговори навреме и да не се двоуми.

ЖЕНА ШТО ПОВТОРНО СИ ПРИПАЃА НА СЕБЕ

По 17 години во кои сопственото лице ѝ било непознато, денес повторно се гледа себеси. „Сега после толку време мислам на својот изглед. Сакам да се средам за себе. Децата се изненадени. Ме гледаат средена, без солзи, без крвави очи и подочници. Горда сум на себе.“ Успехот за неа не значи статус, туку мир. „Да спиеш мирно и во тивко. Да се смееш со своите деца. Да можеш да поканиш пријателка без да се плашиш како тој ќе реагира.“

Работи, живее под кирија, сама ги организира обврските. „Многу подобро се чувствувам. Ги обавувам обврските кога јас сакам, а не кога некој ќе ми нареди со пцовки и удари.“ Работата ѝ носи финансиска сигурност, но и простор за себе. „Излегувам од дома, се дружам со други луѓе. Не мислам само на проблемите.“

Целите ѝ се јасни: да биде стабилна, да ги научи децата на вредности, да биде пример. „Сакам да бидам пример за ќерка ми — дека насилство не треба да се трпи. А синот да знае дека нема право да крене рака на девојче.“

Приказната на Лејла е гласот на многу жени кои чекаат и молчат, надевајќи се дека насилството е само фаза. Но ниедна жена не треба да верува во моќта на тишината. Молкот е замка. Жената мора да научи дека првиот шамар е веќе премногу. И дека тогаш треба да почне крајот на врската или бракот. Нејзината борба е лична, но и колективна. „Јас се борам и ќе се борам — за себе, за децата, за сите жени. Затоа што заедно сме посилни. Затоа што е полесно кога знаеш дека не си сама.“

Оваа приказна е потсетник дека секоја жена има право на глас, на избор, на живот без страв. И повик: да не се чека. Да се каже стоп на време. Да се започне ново поглавје со мир, достоинство и сила.