Нoвости
10 Дек

Колку и да се затвораат вратите – Никогаш не престанувајте да барате излез

10 декември 2025

Три работилници во Скопје, Битола и Тетово: „ИЗЛЕЗ“ – Превенција од насилство и трговија со жени и девојки

Во рамките на кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“, Отворена порта/Ла Страда со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија организираше три јавни настани под наслов „Излез: Превенција од насилство и трговија со жени и девојки“. Настаните се одржаа во Europe House во Скопје (2 декември), Битола (3 декември) и Тетово (5 декември 2025).
Преку проекција на документарниот филм „Излез“ и панел-дискусии со претставници на институции, граѓански организации и млади, учесниците – ученици во средни училишта – се запознаа со поврзаноста меѓу родово базираното насилство, трговијата со луѓе и присилните и детските бракови, како и со механизмите за превенција и заштита. Дополнително беше прикажан и краток филм продуциран во рамките на кампањата 16 дена активизам против родово заснованото насилство.

Настаните започнаа со поздравни обраќања од организаторите и Делегацијата на ЕУ, по што следеше проекцијата на документарниот филм „Излез“. Програмската директорка на Отворена Порта / Ла Страда Марија Тодоровска и претставничката од Делегацијата на ЕУ Ирена Иванова ги поздравија учесниците и особено им се заблагодарија за присуството на учениците од средните училишта. Тие посочија дека „младите се тие кои можат да ја поправат состојбата, да внесат нова свежина и храброст и да придонесат кон родовата еднаквост, како и превенцијата на насилството и трговијата со луѓе, фокусирајќи се на економско зајакнување и едукација.

Работилниците донесоа многу важни пораки за сите учесници. Ивана Кекева од Отворена Порта / Ла Страда нагласи дека филмот „Излез“ ја претставува суровата, но реална слика на насилството и експлоатацијата: „Ова се три вистински приказни кои ја отсликуваат реалноста на жените и девојките во нашето општество, но и нивната сила да се изборат и повторно да го изградат својот живот.“ Таа ги претстави достапните механизми за пријавување, посочувајќи дека бесплатната линија 0800 11111 нуди анонимност, доверливост и 24-часовна поддршка. Дополнително, граѓаните можат да пријават и преку WhatsApp/Viber, а тимот на Отворена Порта обезбедува здравствено, психосоцијално и правно упатување.

Бети Живадиновиќ од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа истакна: „Насилството е процес, не момент, а жртвата често има потреба од време за да сфати што ѝ се случува и да побара излез.“

Претставникот на МВР Живорад Мишовски, од мобилната единица Тетово, предупреди за ризиците на социјалните мрежи, особено споделување лозинки и интимни фотографии, кои подоцна често се користат како средство за уцена. Беше потенциран и случај во кој присилен брак бил формализиран со договор кај нотар — и со тоа, не само родителите, туку и адвокатот и нотарот станале помагачи на кривичното дело. Тој исто така детално објасни како може да се препознаат жртви меѓу учениците — преку физички знаци, како модринки, однесување, како поспаност или исцрпеност, психолошки симптоми или постојано присуство на контролирачки возрасен придружник.

Ељмедина Шабановска од средното училиште Шаип Јусуф зборуваше за важноста на училиштето во Шуто Оризари, кое веќе 11 години поттикнува генерации да останат во образовниот систем:
За разлика од порано, родителите сега имаат попријателски однос, а децата сакаат да завршат образование и да работат. За жал, сè уште има луѓе кои мислат дека жената е само за дома и стручната служба работи со родителите бидејќи поддршката од родителите е клучна. “

Маја Бошњаковска, член на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција повика на што поголема вклученост на младите во работилници од оваа тема, а вработените од БРО и ЦСР подвлекоа дека секое пријавување – дури и кога се чини мало – е можност да се спаси дете.

На прашање од ученик дали бројот на присилни бракови расте, Живорад Мишовски од мобилниот тим од Тетово одговори: „Среќна вест е што бројот се намалува. Тоа е директен резултат од ваквите превентивни програми и работилници.

На настанот во Битола, Елизабета Талеска од Центарот за социјална работа од Битола зборуваше за внатрешните последици кај жртвите: „Потиштеност, несреќа, видлива тага“. Таа се осврна на потребата да се гради самодоверба и да се најде снага во себе како првиот чекор кон заштита.

Виктор Попов од МВР од мобилниот тим од Битола појасни дека всушност трговијата со луѓе не е ‘продажба’, туку искористување на нечја лоша и тешка состојба. Тој ги охрабри младите да пријавуваат: „Како другари, охрабрете се и пријавете кај класниот раководител, родителите или мобилниот тим составен од повеќе институции. Ние сме тука за секоја информација што ви треба.

Силна порака испрати Ферзије Асаноска од организацијата Сумнал, која зборуваше за присилните бракови и важноста на храброста на младите: „Бракот е можен само со согласност од двете лица. Ако едно е малолетно или не е согласно – тоа е присилен брак.
За секој проблем има решение. Немојте да имате страв – побарајте помош.“

Таа додаде дека пријавувањето носи промена во општеството:
Кога ќе се пријави еден случај, па втор, па трет – тогаш расте свеста. Како резултат на тоа, денес бројот на малолетнички бракови е намален – луѓето веќе знаат дека постојат казни.

Панелистите зборуваа и за улогата на образованието, институционалната соработка и потребата од дигитални алатки (како рилови) и дополнителни редовни работилници како овие три за да се допре до младите.

На настанот во Тетово, силно одекна пораката на Амир Зубери, претставник од Единицата за трговија со луѓе и криумчарење на мигранти –  МВР, кој им порача на младите дека без разлика кој е сторителот на насилството – полицаец, судија, професор или директор – сите одговараат пред законот и младите не треба да се плашат да пријават. Марија Исаевска Ристовска од Центарот за социјална работа – Тетово истакна дека само преку заедничко делување може ефикасно да се идентификуваат ризиците, навремено да се реагира и да се обезбеди соодветна поддршка за децата и младите.

Светлана Ристоска, психолог во Средното медицинско училиште во Тетово, истакна дека училиштето има воспоставено јасни механизми за пријавување, преку кои учениците можат да евидентираат каков било проблем, особено кога станува збор за насилство. Таа појасни дека поддршка им се дава и на родителите, кои претставуваат клучен фактор во превенцијата.

Цветанка Камчева Златева од Отворена порта/Ла Страда предупреди дека дигиталниот простор, иако нуди бројни можности, создава и сериозни ризици кога станува збор за манипулација, измама и злоупотреба на довербата, па затоа е неопходно младите да бидат информирани и внимателни во онлајн комуникацијата, да препознаваат сомнителни ситуации и да знаат дека секое сомневање треба веднаш да се пријави.

Трите јавни настани ја истакнаа неопходноста од тесна соработка меѓу институциите, граѓанскиот сектор, училиштата, младите и родителите. Преку документарниот филм „Излез“, размената на искуства и практичните совети, учесниците добија алатки за рано препознавање, превенција и пријавување на насилството, трговијата со луѓе и присилните бракови. Сите настани завршија со порака која силно одекна кај присутните:

Колку и да се затвораат вратите, никогаш не престанувајте да барате излез. Помош постои. Решение постои. Само потребна е храброст да се побара излезот.

Невладината организација Отворена порта/Ла Страда ги спроведува кампањата „Јас НЕ се согласувам на присилен брак“ и програмата за превенција во рамките на оперативниот грант „Слушни го гласот на тргуваните лица и бори се против организираниот криминал“, финансиран од Европската унија.